Што ако она што го бараме не е поголема желба, туку поголема живост?
Постојат моменти во животот кога жената не може точно да објасни што ѝ недостасува.
Продолжува да работи, да се грижи за семејството, да ги исполнува обврските и да биде тука за сите околу себе. Однадвор, речиси ништо не изгледа поинаку. Сепак, некаде по патот почнува да чувствува дека животот полека ја губи својата боја.
Работите што некогаш ја исполнувале повеќе не будат исто чувство. Телото функционира, но не се чувствува како дом. Односите постојат, но блискоста е сè потешко да се почувствува. Не исчезнала само сексуалната желба. Всушност, како да исчезнала и радоста, желбата за игра, љубопитноста и креативноста.
Токму затоа почнав да си поставувам едно поинакво прашање.
Што ако не зборуваме само за сексуалност?
Што ако она што многу традиции го нарекуваат сексуална енергија е, всушност, многу пошироко човечко искуство – способноста да чувствуваме, да се поврзуваме, да создаваме и да бидеме вистински присутни во сопствениот живот?
На ова прашање не може да одговори само една дисциплина. Имено, потребни ни се науката, психологијата, соматиката и искуството од клиничката пракса. Во исто време, вреди да ги слушнеме и древните традиции, не затоа што треба да ги земеме како научна вистина, туку затоа што со векови се обидувале да го разберат истото човечко искуство од поинаков агол.

Кога зборуваме за сексуална енергија, дали навистина зборуваме за секс?
Во современата наука не постои термин „сексуална енергија“ во значењето во кое често го користиме во секојдневниот говор. Науката зборува за либидо, сексуална мотивација, хормонална регулација, нервен систем и мозочни процеси што влијаат врз желбата и интимноста.
Од друга страна, духовните традиции користат поинаков јазик. Во нив, сексуалната енергија не се сведува само на сексуалниот чин. Таа станува симбол на животната сила – способноста на човекот да биде жив, креативен, присутен и поврзан.
Сепак, овие два света не зборуваат за истото и не треба насила да се спојуваат. Науката објаснува како функционира организмот, додека духовните традиции се обидуваат да му дадат значење на човечкото искуство.
И покрај тоа, и едните и другите, секој на свој начин, отвораат едно важно прашање: што се случува кога човекот ќе ја изгуби својата виталност?
Телото не сака само да преживее, телото сака да се чувствува безбедно.
Една од најдобро истражените теми во современата психофизиологија е влијанието на хроничниот стрес врз организмот.
Кога сме изложени на долготраен стрес, телото активира механизми чија задача е да нè заштитат. Кортизолот и адреналинот не се наши непријатели. Тие се дел од извонредно интелигентен систем кој му помага на организмот да се справи со опасноста.
Проблемот не настанува кога ќе се активира овој систем. Проблемот настанува кога никогаш не се исклучува.
Кога телото со месеци или години живее како опасноста сè уште да трае, неговите приоритети се менуваат.
Не го интересира креативноста.
Не го интересира играта.
Не го интересира интимноста.
Најважно е преживувањето.
Од оваа перспектива, губењето на желбата не е знак дека со нас нешто не е во ред. Тоа може да биде знак дека телото предолго се обидувало да нè заштити.

Можеби не сме ја изгубиле сексуалната желба. Можеби сме ја изгубиле живоста.
Во мојата работа како соматски терапевт, ретко слушам жена да каже:
„Го изгубив само либидото.“
Многу почесто слушам:
„Не чувствувам радост.“
„Не можам да се опуштам.“
„Како постојано да сум напната.“
„Повеќе ништо не ме возбудува.“
„Само функционирам.“
Овие зборови не зборуваат само за сексуалноста. Тие зборуваат за виталноста. За чувството дека животот повеќе не тече низ нас со истата сила. И токму тука почнувам да се прашувам дали понекогаш погрешно го поставуваме прашањето.
Наместо да прашуваме:
„Како повторно да ја разбудам сексуалната желба?“
можеби треба да прашаме:
„Што му недостасува на моето тело за повторно да се почувствува доволно безбедно за да создава, да чувствува и да се радува?“

Што значи да создаваш?
Кога ќе го слушнеме зборот „создавање“, најчесто помислуваме на нешто големо – книга, бизнис, уметничко дело или раѓање дете.
Но создавањето започнува многу порано. Создаваме кога ќе поставиме граница што долго сме се плашеле да ја поставиме. Кога ќе започнеме разговор што може да промени еден однос. Кога ќе си дозволиме одмор без чувство на вина. Кога повторно ќе се вратиме на нешто што нè исполнувало, а сме го оставиле зад себе. Кога ќе избереме живот што повеќе наликува на нас самите.
Можеби токму тоа е најдлабокото значење на творечката енергија.
Не способноста да создадеме нешто спектакуларно. Туку способноста постојано да создаваме живот што има смисла за нас.
За размислување
Ако сексуалната енергија е многу повеќе од сексуален чин, тогаш вреди да си поставиме едно поинакво прашање.
На што ја трошам својата животна енергија секој ден?
Дали ја вложувам само во преживување, исполнување туѓи очекувања и постојана грижа за другите?
Или создавам нешто што ме исполнува, ме поврзува со мене самата и му дава смисла на мојот живот?
Можеби токму одговорот на тоа прашање не е крајот на оваа тема, туку почетокот на едно многу подлабоко истражување.