Хроничен стрес: зошто телото не се опушта?

  • Home
  • Growth
  • Хроничен стрес: зошто телото не се опушта?

Хроничниот стрес може да го задржи телото во состојба на преживување. Дознај зошто не можеш да се опуштиш и како да му помогнеш на нервниот систем.

Дали ти се случило кога конечно ќе завршиш со секојдневните обврски, да седнеш и тамам кога ќе помислиш: „Конечно малку мир“, да почувствуваш немир?

Наместо да се опуштиш, почнуваш да ја чувствуваш напнатоста во телото. Во исто време, мислите ти стануваат хаотични, се чувствуваш уморно и раздразнето, како да имаш магла во главата и не можеш јасно да размислуваш. И покрај тоа што очајно се обидуваш да се одмориш, едноставно не успеваш.

Можеби, проблемот не е во недостигот на слободно време. Всушност, можеби твојот нервен систем толку долго функционира во состојба на преживување што едноставно заборавил како изгледа чувството на мир.

Како функционира нашиот мозок под стрес?

Нашиот мозок е многу комплексен орган кој невронауката не го дели на само 3 дела, но за оваа цел ќе ги земеме овие три главни дела: 

  1. Рептилскиот – задолжен за основните функции на преживување. 
  • дишење
  • срцев ритам
  • крвен притисок
  • рефлекси
  • преживување

Неговата задача е да се прашува само ‘’Дали сум безбеден/а?’’. Кога чувствува опасност го активира системот за преживување.

  1. Лимбичкиот систем – делот во кој се наоѓаат нашите 
  • емоции
  • поврзаност со луѓе
  • спомени
  • учење преку искуство

Во овој дел се наоѓа и амигдалата, која е алармниот систем во нашето тело.

  1. Неокортекс – свесниот и рационален дел 
  • логичкото размислување
  • креативност
  • самосвесност
  • носење одлуки
  • планирање
  • емпатија

Ова е делот кој ни овозможува да кажеме ‘’Да, имам проблем, но не сум во животна опасност’’.

Од што нè штити стресот?

Кога мозокот ќе процени дека нешто претставува закана (реална или замислена), се активира амигдалата. Потоа, таа испраќа сигнал до надбубрежните жлезди да ослободат хормони на стрес, како што се адреналин, норадреналин и кортизол. Како резултат на тоа, за само неколку секунди телото се префрла во состојба позната како Fight, Flight or Freeze (бори се, бегај или замрзни).

Во тој момент, срцето почнува побрзо да чука, крвниот притисок се зголемува, мускулите се затегаат, дишењето станува побрзо и поплитко, а варењето се успорува.

Всушност, ова е совршен механизам кога треба да избегнеме опасност или да се одбраниме. На пример, на нашите предци овој механизам им помагал да се заштитат од напад на диви животни, од непријатели или од природни катастрофи. Во такви ситуации, активирањето на стресниот одговор било неопходно за преживување. И тоа е сосема во ред.

Меѓутоа, проблемот се појавува денес, бидејќи мозокот не прави голема разлика помеѓу тигар што трча кон нас и секојдневните предизвици со кои се соочуваме.

На пример, истата реакција може да се активира поради:

• финансиски проблеми
• конфликти во врска
• притисок на работа
• постојано размислување и грижи
• потиснати емоции

Со други зборови, иако не постои реална физичка опасност, телото реагира како да треба да се бори за својот живот.

Што се случува кога стресот станува хроничен?

Стресот е природна реакција на организмот кога се соочува со предизвик или закана. Таа состојба не е само чувство на нервоза или грижа. Тоа е цела хемиска реакција која е создадена да не штити од опасност. Стресниот одговор е создаден да трае кратко. 

Кога живееме во стрес со недели, месеци или години, нервниот систем не добива порака дека опасноста е завршена. Телото заглавува во состојба на постојана подготвеност.

Во тој случај се појавуваат симптоми како:

  • напнат врат и раменици
  • болки во грбот
  • главоболки
  • несоница
  • анксиозност
  • замор и исцрпеност
  • прејадување или губење апетит
  • хормонален дисбаланс
  • намален имунитет

Затоа многу луѓе не можат да се опуштат дури и кога имаат време за себе. Нивниот нервен систем се уште верува дека опасноста не е помината.

Како да го активираме рационалниот ум?

Не можеме да му наредиме на мозокот да се смири со размислување додека телото е во аларм. 

Затоа техниките кои работат преку тело се многу ефикасни:

1. Бавно и длабоко дишење

Кога сме вознемирени, дишењето станува плитко и брзо. Мозокот го толкува тоа како знак дека опасноста сè уште е присутна. Обиди се неколку минути да дишеш побавно од вообичаено и да го продолжиш издишувањето.

На пример:

Вдиши 4 секунди → издиши 6 секунди.

Подолгото издишување му испраќа порака на нервниот систем дека моментално си безбеден/а.

2. Безбеден допир и прегратка

Нашето тело е создадено за поврзаност.

Прегратка со сакана личност, држење за рака или дури и ставање на дланката на срцето можат да создадат чувство на смиреност и сигурност.

Понекогаш на нервниот систем не му треба решение, туку чувство дека не е сам.

3. Масажа и свесен допир

Под стрес мускулите несвесно се стегаат, особено во вратот, рамениците и вилицата.

Нежна самомасажа или професионална масажа му помагаат на телото да ја ослободи акумулираната напнатост и да излезе од состојбата на постојана будност.

4. Танц и движење

Стресот создава енергија во телото која сака да се движи.Не мора да биде тренинг.

Пушти омилена музика и движи се неколку минути без правила и без размислување како изгледаш.

Телото често знае како да го ослободи стресот ако му дозволиме да се движи.

5. Пешачење во природа

Природата е еден од најмоќните регулатори на нервниот систем. Дури и кратка прошетка во парк може да помогне да се намали менталниот товар и да се создаде чувство на поголема присутност и смиреност.

6. Соматски вежби

Соматските практики нè учат повторно да го почувствуваме телото наместо постојано да живееме во главата.

Понекогаш е доволно да застанеш за момент и да се запрашаш:

Што чувствувам во телото во овој момент?

Без анализа. Без осуда. Само забележување. Свесноста сама по себе често е првиот чекор кон регулација.

7. Медитација и mindfulness

Целта не е да ги запреш мислите. Целта е да го насочиш вниманието кон сегашниот момент.

Неколку минути фокус на здивот, звуците околу тебе или сензациите во телото можат да му помогнат на нервниот систем да сфати дека во овој момент нема непосредна опасност.

Најважно е да запомниш:

Нервниот систем не бара совршенство. Тој бара сигнали на безбедност.

Кога телото се чувствува безбедно, амигдалата се смирува, кортизолот се намалува, а повторно се активира префронталниот кортекс – делот од мозокот задолжен за јасно и разумно размислување, мудро донесување одлуки и емоционална регулација.

Како резултат на тоа, колку почесто му ги даваме овие сигнали на телото, толку полесно излегува од режимот на преживување и се враќа во состојба на мир, поврзаност и регенерација.

Токму затоа, реченицата:

„Смири се за да му помогнеш на телото“

најчесто нема да биде од голема помош.

Наместо тоа, многу покорисен пристап е:

„Помогни му на телото да се почувствува безбедно и мозокот сам ќе се смири.“

Со други зборови, смирениот ум не е почетна точка, туку последица на тоа што телото конечно добило порака дека повеќе не е во опасност.

Кога на телото му е потребна подлабока поддршка

Долготрајниот стрес не се решава секогаш само со знаење. Кога нервниот систем со години функционира во состојба на преживување, потребно му е ново искуство на безбедност во телото. Токму затоа соматската работа, свесниот допир и техниките за регулација на нервниот систем можат да му помогнат повторно да се сети како изгледа мирот.

Поради тоа, ако препознаваш дел од овие симптоми кај себе, започни со малите чекори споменати погоре. Сепак, имај на ум дека понекогаш на нервниот систем му е потребно повеќе од одмор — потребно му е чувство на сигурност, присутност и свесна поддршка.

На крајот, важно е да запомниш:

„Мирот не е награда што доаѓа откако ќе завршиш сè. Мирот е природна состојба на телото кога конечно се чувствува безбедно.“

Всушност, колку повеќе му помагаме на телото да препознае сигнали на безбедност, толку полесно се враќаме кон состојба на рамнотежа, виталност и внатрешен мир.

Време на читање 6 минути.

Leave A Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Verified by MonsterInsights